
Повеќе десетици севернокорејски проектили го погодиле островот на западната поморска граница меѓу двете држави, по што Јужна Кореја прогласила највисок степен на тревога пред воена состојба. БиБиСи јавува дека ова е најтешкиот инциденти од крајот на војната меѓу двете земји до денес.
Во одговор на нападот јужнокорејската армија испукала околу 80 проектили а истовремено кон островот се испратени авиони ловци на јужнокорејската авијација.
"Куќите и планината се во пламен а луѓето се евакуираат. Не се гледа добро заради чадот. Луѓето се смртно исплашени а проектили се уште паѓаат," изјавил еден од жителите на островот каде живеат преку 1.200 лица.
Инцидентот се случува само еден ден откако Пјонгјанг обелодени дека во погон пуштиле модерна фабрика за збогатување на ураниум, што може да значи дека се чекор поблиску до конструкција на нуклеарно оружје.

Близу местото каде армиите размениле оган, во март годинава загинаа 46 јужнокорејски морнари. Меѓународна истрага покажа дека бродот бил потонат со торпедо, но Северна Кореја негираше каква било вмешаност во инцидентот.
Двете Кореи технички се уште се во војна, бидејќи по корејскиот конфликт кој траеше од 1950-та до 1953-та, државите од корејскиот полуостров не потпишале никаква мировна спогодба.