И како често линковите од веснициве/порталиве се губат, не е лошо да се копира текстот и сликите во целост.
ВО ТЕТОВСКОТО СЕЛО ВРАТНИЦА ПРОНАЈДЕН АВИОН ОД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Последниот лет на Наша љубов
Приказната која 70-ина години се раскажува во вратничкиот крај во Тетовско за паднатиот американски авион од Втората светска војна и за спасувањето на пилотите, ме заинтригира кога првпат ја слушнав и, секако, не ме остави рамнодушен. Имав можност изворно да ја слушнам од жителите на село Вратница, кога во 2008 година Воздухопловната бригада помогна со хеликоптерите "МИ-17" да се постави водоводот за селото.
Приказната за овчарот од Вратница што ги спасува американските пилоти за време на Втората светска војна, секако допрела и до американскиот амбасадор во Македонија, кој во 2004 година ја посетил Вратница и зборувал со овчарот (Ангелко Томовски), кој тогаш, на 12-годишна возраст отишол до местото на несреќата и, заедно со другарите успеале да симнат од дрво еден од повредените членови на екипажот на авионот.
Според кажувањата на дедо Ангелко, авионот се урнал во август 1943 година, оставајќи шест мртви и тројца преживеани. Барајќи низ архивите на Министерството за одбрана на САД, амбасадата на САД во Скопје не успеала да го пронајде во евиденцијата потврда за урнат авионот во 1943 година на наша територија. Повторно во февруари 2013 година, амбасадата на САД се ангажира и, по две посети на селото, преку интервјуа со локалното население (чии информации се базираа на црковната евиденција), се утврдува дека денот на несреќата, всушност, е 26 август 1944 година, а местото на паднатиот авион е над селото Вратница, на место викано Слбица, на надморска височина од 1.500 метри.
Амбасадата на САД во понатамошно истражување претпоставува дека се работи за бомбардер од типот "Б-24 либератор", авион кој се урнал на територијата на Македонија, враќајќи се од мисија во Романија на тој датум. Воздухопловното аташе на амбасадата на САД успева да набави три извештаи за исчезнати екипажи, и врз основа на нив утврдува дека се работи за авион со сериски број 42-78240, евиденциски број 240 и кодно име "Наша љубов" (Оур Лове), чија судбина наликува на приказните на селаните од Вратница. Со голема сигурност дека се работи за авионот "Наша љубов", амбасадата на САД во Скопје започнала да ги контактира роднините на екипажот преку Интернет и успеала да се поврзе со четири од деветте семејства на членови на екипажот. Врз основа на разговори, слики и на извештаи добиени од членови на семејствата, со сигурност се потврдува дека се работи за авионот со сериски број 42-78240, евиденциски број 240 и кодно име "Наша љубов" (Оур лове), кој се урнал над Вратница на 26 август 1944 година.
Едно писмо од Воениот секретаријат на САД, со датум 29 мај 1947, дури и ја споменува Вратница по име, како местото на загинувањето на членови на летачки екипаж на вооружените сили на САД.
На 5 септември 2013 година, амбасадата на САД организираше посета на местото на паднатиот авион во Вратница, заедно со амбасадорот на САД Пол Д. Волерс, проф. д-р Марјан Димитријевски од Институтот за национална историја, со претставници од Воздухопловната бригада на АРМ, жители на Вратница и други. Во текот на искачувањето до самото место, разговорите со професорот и со локалните жители на Вратница, како и проучувањето на декласифицираните документи добиени од американската амбасада во Скопје, успеав да разберам што се случувало на тој ден и каква била судбината на американскиот екипаж.
Дента на 26 август 1944 година, авионот "Б-24 либератор" со кодно име "Наша љубов", враќајќи се од бомбардерската мисија над Романија бил нападнат од пет германски авиони ловци "Ме-109", и по 5 минути надлетал над силна противвоздушна артилерија. Во директниот напад на авионите загинале копилотот потпоручник Џон Едвардс и опашниот стрелец наредник Вилијам Родс, а авионот бил погоден и почнале проблемите со моторите, кои резултирале со губење на височина. Првиот пилот поручникот Едвин Кеселбег, не можејќи да го одржува авионот на зададената височина, после некое време се одвоил од групата и донел одлука за слетување на одбран терен кој обезбедува принудно слетување со најмала штета. Прелетувајќи ги деловите на јужна Србија, ја здогледал Шар Планина и висорамнината над Вратница која, според негова проценка, била добар терен за слетување, далеку од бугарските власти во Полошката Котлина од каде што понатаму, со сопствени сили би се префрлиле до сојузниците во Албанија и во Италија. Во текот на понирањето, авионот нагло загубил височина и водителот на екипаж наредил сите да го напуштат леталото. Како резултат на големата брзина и на големата произведена центрифугална сила при падот на авионот, дел од екипажот успеал да скокне од леталото, додека дел останал заробен во него, и загинал на самото место. Од вкупно 9 членови на екипажот, само 3 ја преживеале мисијата.
Преживеани:
поручник Едвин Кеселбег - пилот. Скокнал со падобран
поручник Ричард Меккули - бомбардер. Скокнал со падобран
наредник Едвард Амбросини - радиооператор. Скокнал со падобран
Загинати:
потпоручник Џон Едвардс - копилот. Загинал во нападот на авионите "Ме-109"
наредник Дејв Коблиц - воздухопловен инженер. Загинал при скок со падобран
наредник Брус Тутхил - стрелец од горната купола. Загинал во авионот, не успеал да скокне со падобран
наредник Харолд Викен - стрелец од носната купола. Загинат при скок со падобран
наредник Вилием Родс - стрелец од опашната купола. Загинат во нападот на авионите "Ме-109"
наредник Вилис Стивенсон - стрелец од стомачната купола. Загинат во авионот - не успеал да скокне со падобран.
По падот на авионот во 11:45 часот наутро, на самото место први пристигнале неколкумина овчари што помогнале да се симнат загинатите со падобрани од околните дрвја и да се соберат сите загинати и преживеани од авионот. Согласно документите добиени од американската амбасада во Скопје, вратничани преживеаните 3 членови на екипажот ги заштитувале од бугарските окупаторски сили, но сепак, тие биле пронајдени, и во текот на денот паднале во заробеништво на бугарската армија и биле транспортирани во Скопје каде што пристигнале во вечерните часови. Загинатите 6 членови на екипажот селаните од Вратница, како што им ветиле на Американците, ги закопале во дворот на вратничката црква, на самиот влез од левата страна, и почивале таму до ослободувањето на Македонија. Во текот на 1947 година, амбасадата на САД во Југославија ги ексхумирала гробовите во црквата и ги пренела телата на Американските воени гробишта во Белград, од каде што со текот на годините роднините ги пренеле остатоците на нивните најблиски во САД. Преживеаните тројца членови на екипажот биле однесени во затворот во Шумен, Бугарија каде што ја дочекале капитулацијата на Бугарија на 8 септември 1944. Во септември биле ослободени и предадени на сојузниците, кога и бил направен првиот извештај од преживеаниот поручник Ричард Меккули на 14 септември 1944 година.
Денес на местото на падот не може да се забележи каков било знак за трагедијата на 6 американски членови на екипажот и авионот "Наша љубов".
По 69 години, местото изгледа како секое друго, и беше тешко да се најдат остатоците од авионот со голо око. Со текот на годините, селаните деловите од авионот ги користеле за најразлични потреби, а дел од металот веројатно е продаден како старо железо. За пронаоѓање на остатоците користевме детектори за откривање метал, и успеавме да извадиме ситни метални остатоци. Најголемиот пронајден и зачуван метален материјал е дел од стојниот трап за слетување на авионот кој, благодарејќи на дождовите и на ерозијата на земјиштето, го пронајдовме 500 метри пониско од местото на падот. Тој беше затрупан со камења и земја, и поради тоа беше тешко да се извади и да се транспортира без дополнителна опрема.
Македонскиот народ, како во случајот со нашите вратничани, ја докажува својата хуманост и патриотизам со давањето помош на преживеаните која е пресудна за животите на тројцата американски пилоти. Во случајот со последниот лет на "Наша љубов", судбината не била дарежлива кон загинатите шестемина членови на екипажот, но затоа преживеаните тројца, и покрај заробувањето, брзата капитулација на Бугарија на 8 септември 1944 г. им донела слобода и враќање во Соединетите Американски Држави. Според кажувањето на вратничани, неколку години по завршувањето на војната, еден од преживеаните членови на екипажот се вратил во Вратница да си го земе падобранот кој му останал тука. Тој подоцна бил употребуван за обука на неговата ќерка.
Полковник м-р Кире Колевски
Проф. д-р Марјан Димитријевски