
Еден тон злато на кралот Александар Караѓоргевиќ, кое неговото семејство при бегството не успеало да го понесе со себе кога започнала Втората светска војна, натоварено во два авиона во 1942 година го пренеле до Италија македонските пилоти Киро Хаџи Арсов и Тодор Михајлов. По неколкумесечна подготовка, под превезот на најголема тајност, авионите, со некои членови на кралското семејство и вредниот товар, слетале во италијанскиот град Бари.
По успешната тајна мисија, во Југославија се вратил само Хаџи Арсов, додека Михајлов загинал откако неговиот авион бил погоден и се урнал во Средоземното Море во близина на брегот на Северна Африка, кон границата со Либија каде битката меѓу германската војска и сојузничките сили била најжестока.
Веднаш по слетувањето во Бари каде товарот со златото го презеле други авиони, Хаџи Арсов и Михајлов добиле нова задача да учествуваат во авионападите во Египет кај Ел Аламеијн, 75 километри западно од Александрија. Двајцата биле во британската флота и под тоа знаме летале над Средоземното Море и над африканскиот континент. Целта на брзата прераспределба била нивните авиони да бидат срушени и со нив да се закопа се за тајната мисија со кралското злато.
Хаџи Арсов, кој својот пензионерски живот го помина во родниот Штип од каде е и Михајлов, зборуваше за овие тајни мисии, но јавно не откриваше детали.
”Добивме многу важна задача која требаше да се спроведе строго тајно. Ни беше кажано дека ќе летаме со некои важни луѓе од Кралството и со многу вреден товар. Во Бари беше организиран друг транспорт до Велика Британија”, евоцираше спомени за своите тајни мисии искусниот пилот во времето кога Македонија стана самостојна држава. Во тие први години од осамостојувањето, Хаџи Арсов поради болест почина во Скопје, па немаше време сосема да ги обелодени своите тајни мисии за кои во поранешна СФРЈ не сакаше да зборува.
Меѓутоа, неговите помлади колеги на кои тој им беше инструктор, денес откриваат дека Хаџи Арсов во некои интимни разговори со нив кога емотивно се присетувал на тие години од Втората светска војна, им открил дека тој и Михајлов го транспортирале големото богатство на Караѓорѓеви.
Според кажувањето на Хаџи Арсов, во неговиот двокрилец бил човек од потесното кралско семејство и дел од нивното богатство, а во другиот авион било сето останато злато. Се товарело колку што авионите можеле да понесат и без проблеми да стигнат до Бари. Двајцата македонски пилоти не биле одбрани случајно, затоа што тие уште од 1935 година кога ги положиле испитите, биле познати како најдобри пилоти во Кралството. Згора на тоа, биле луѓе од доверба за такви тајни мисии.
Кога Хаџи Арсов се вратил жив од Египет, претпоставените, кои ги задолжиле со тајната мисија, биле изненадени кога го виделе жив и здрав. Тогаш му станало јасно дека и тој требало да загине во битка над африканскиот континент. Подоцна Хаџи Арсов како партизан учествувал во повеќе борбени операции во Далмација и Босна за што добил и неколку ордени за храброст како прв воен пилот, но брзо бил демобилизиран и вратен во Македонија.
Вест